На 15 јануари 2021 година истекува последниот рок за законска или доброволна регистрација за ДДВ, како и за дерегистрација од ДДВ, согласно член 51 од Законот за ДДВ.
Даночните обврзници кои во претходната календарска година оствариле вкупен оданочлив промет од вршење на стопанска дејност повисок од 2.000.000 денари имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01) најдоцна до 15 јануари 2021 година. Во истиот рок, даночните обврзници може доброволно да се регистрираат за целите на данокот на додадена вредност (предвидуваат дека вкупниот промет ќе го надмине износот во текот на годината) со поднесување на Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01). Образецот ДДВ-01 се доставува до Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи (според седиштето/живеалиштето на даночниот обврзник) или по електронски пат http://etax.ujp.gov.mk.
Доколку вкупниот промет во треттата календарска година не го надминува износот од 2.000.000 денари даночниот обврзник може по истекот на рокот да поднесе Пријава за отповикување на регистрацијата за данокот на додадена вредност – (Образец ДДВ-01Б), најдоцна до 15 јануари 2021 година. Исто така на барање на даночниот обврзник може да се отповика регистрацијата за ДДВ доколку вкупниот промет во двете календарски години не го надминува износот од 2.000.000 денари и во секоја од двете претходни календарски години во даночните пијави нема искажано претходен данок за одбивање. Образецот ДДВ-01Б се доставува до Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи (според седиштето/живеалиштето на даночниот обврзник) или по електронски пат http://etax.ujp.gov.mk.