Во „Службен весник на РСМ“ бр.280/21 од 15 декември 2021 година, објавени се два нови подзаконски акти на Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на РСМ“ бр.42/20), како и Правилник за изменување на Правилникот за содржината и формата на актот за начинот на вршење на видеонадзор (влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на РСМ“ , односно од 23 декември 2021 година).
Новите подзаконски акти се:
1. Одлука за утврдување на стандардни договорни клаузули за пренос на лични податоци во трети земји (стапи на сила на 16 декември 2021 година) – Со оваа одлука се утврдуваат стандардни договорни клаузули за пренос на лични податоци во смисла на одредбите од членот 50 став (1) и став (2) точка (в) од Законот за заштита на личните податоци, а кои се однесуваат на пренос на лични податоци од контролор или обработувач чија обработка на личните податоци е предмет на овој закон (извозник на лични податоци) до контролор или (под)обработувач чија обработка на личните податоци не е предмет на овој закон (увозник на лични податоци).
Напомена:
Контролорите или обработувачите се должни овие договори да ги усогласат со одредбите од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/20) и прописите донесени врз основа на тој закон во рок од една година од денот на влегувањето во сила на оваа одлука.
2. Одлука за утврдување на стандардни договорни клаузули помеѓу контролорите и обработувачите (стапи на сила на 16 декември 2021 година) – Со оваа одлука се утврдуваат стандардни договорни клаузули помеѓу контролорите и обработувачите во смисла на одредбите од членот 32 ставови (3) и (4) од Законот за заштита на личните податоци.
Стандардните договорни клаузули може да се користат во договорите помеѓу контролорите и обработувачите, тогаш кога обработувачите вршат обработка на личните податоци во име на контролорите.
Напомена:
Договорите со обработувачите склучени пред влегувањето во сила на оваа одлука, контролорите се должни да ги усогласат со одредбите од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/20) и прописите донесени врз основа на тој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на оваа одлука.