Во „Службен весник на РСМ“ бр.67/22 од 18 март 2022 година, објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 98/12, 166/12, 15/13, 170/13, 43/14, 44/14, 97/14, 113/14, 160/14, 188/14, 20/15, 61/15, 97/15, 129/15, 147/15, 154/15, 173/15, 217/15, 27/16, 120/16, 132/16, 35/18, 220/18 и 245/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 180/19, 275/19, 31/20 и 267/20), кој стапи на сила со денот на објавувањето односно од 18 март 2022 година.
Согласно измените, на секој корисник на пензија, со исплатата на пензијата за месеците март, април и мај 2022 година, Фондот ќе исплати еднократен додаток во висина од 1.000,00 денари за месеците март, април и мај 2022 година. Еднократниот додаток, ќе се исплати од средствата на Фондот.
Според изменетиот член 37 став 1 и став 2 од Законот за ПИО, усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во висина од 50%. Пензијата се усогласува на 1 март и на 1 септември секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.