Во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/21 објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.52/05…151/21), кој стапува на сила осмиот ден од денот на објавувањето, а ќе започне да се применува од 1 јануари 2022 година
Според измените:
- ден на неделен одмор е недела;
- на работниците кои ќе работат во недела им следува додаток н аплата за работа во недела кој изнесува најмалку 50% за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот и
- право да користат неделен ден во наредните седум дена.
Исклучок од неработењето во недела:
За работниците кај работодавачите во дејностите кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко – технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата и тоа во дејностите:
- Одгледување на животни;
- Мешовито фармерство;
- Вадење на јаглен и лигнит;
- Вадење на руди на метал;
- Печатење и издавање на весници;
- Производство на леб, сатки во свежа состојба и бисквити;
- Производство на пиво, само во процесите поврзани со варење, квасна припрема и следење, ферментација, филтрација и енергетска поддршка на овие процеси;
- Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати;
- Производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси;
- Производство на индустриски гас;
- Производство на метали;
- Аптеки;
- Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација;
- Снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината;
- Копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт;
- Складирање и помошни дејности во превозот;
- Објекти за сместување;
- Дејности за подготовка на оброци и служење на храна;
- Филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма;
- Емитување на програма;
- Телекомуникации;
- Информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет портали и сл.);
- Прикажување на филмови;
- Фотографски дејности;
- Ветеринарни дејности;
- Изнајмување и давање под закуп (лизинг) на моторни возила;
- Дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи;
- Дејности на повикувачки центри;
- Општи дејности на јавната управа, само за итни и недоложни работи поврзани со одржување на седници, инспекциски надзори, чување на шуми, а кои работи се од витално значење за државниот и јавниот интерес;
- Работи на одбраната;
- Судски и правосудни дејности;
- Работи на јавниот ред и безбедноста;
- Дејности на пожарникарската служба;
- Дејности за здравствена заштита;
- Дејности на социјалната заштита со сместување;
- Креативни, уметнички и забавни дејности;
- Дејности на музеите;
- Дејности на зоолошки градини и природни резервати;
- Спортски, забавни и рекреативни дејности;
- Погребни и слични дејности;
- Царинска служба на гранични премини;
- Дејности кои имаат карактер на помошни или придружни дејности со цел непречено функционирање на наведените дејности, врз основа на склучен договор со работодавачот и
- Работни места од други дејности кои не се опфатени измените, а кои имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот.
Работниците кај работодавачите од трговија на мало и трговија на големо, денот на неделен одмор го користат во согласност со Законот за трговија.
Во случај на природна и друга несреќа или хаварија и спречување на последиците од нив или кога таква несреќа непосредно се очекува, на барање на работодавачот, работникот е должен да работи во недела заради заштита на животот и здравјето на луѓето и спречување на непоправлива материјална штета.
Санкции за работодавачите кои ќе го прекршат законот
- ќе им се забрани работа од 15 дена и
- ќе им се издаде прекршочен платен налог
Доколку работодавачот го повтори прекршокот, забраната за работа ќе биде 30 дена.
Во периодот на забрана за работа, работодавачот е должен:
- на работниците да им исплатува надомест на плата во висина од исплатената плата на работнникот во претходниот месец и придонеси од плата и
- да не го намали бројот на работници.