Се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Република Северна Македонија од 1 декември 2021 година.
Со плаќање на надоместокот од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот единствено на биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки (Многу лесните пластични кеси за носење на стоки се пластични кеси за носење чијашто дебелина е пониска од 15 микрони, кои се потребни за хигиенски цели или се даваат како примарно пакување за храна која не е компактна или е во течна состојба кога тоа помага за спречување на фрлање храна).
Крајните корисници за биоразградливите кеси за носење на стоки ќе плаќаат надоместок од 15 денари за парче и истиот се плаќа на трговецот на местото на продажба. Исто така, се забранува пуштање на пластични пакувања за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во Република Северна Македонија (Согласно Законот за заштита на природата “Сл. весник на РМ”, бр. 67/04 … и 151/21, мрежата на заштитени подрачја вклучува 81 подрачја или околу 13,47% од територијата на Република Северна Македонија).