Во („Сл.весник на РСМ“, бр. 270/21) објавена е Одлука за определување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало, со која се определуваат највисоки цени во трговијата на големо и трговијата на мало на следните производи:
- леб;
- шеќер;
- брашно – тип 400;
- сончогледово масло за јадење;
- трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%;
- свежо месо и сувомеснати производи и
- сирење и урда.
Највисоките цени на наведените производите ќе се применуваат од 6 декември 2021 година до 31 јануари 2022 година.
Највисоките цени на производите се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало.
Во определување на највисоките цени на производите се исклучуваат цените на привремените попусти (акциски попуст/снижување/распродажба) кои важеле на 1 декември 2021 година, во кои случаи за највисоки определени цени ќе се сметаат цените на производите кои непосредно се применувале пред 1 декември 2021 година, односно пред нивните привремени попусти.
Постоењето на привремениот попуст (акциски попуст/снижување/распродажба) за конкретните производи, трговецот го докажува со:
- Влезна фактура од добавувач/производител со одобрен попуст;
- Влезна фактура од добавувач/производител со дополнително книжно одобрение за попуст или фактура за маркетинг надомест за спроведување на акцијата и
- Договор или друг вид на двостран акт со кој се потврдува попустот, за кој сеуште не е издадено книжно одобрение.