Заради поместување на роковите за поднесување на даночните биланси за 2021 година, се поместија и роковите за плаќање на даночните долгови кои произлегуваат од истите.
Даночните обврзници СВД и ТП треба да ја исполнат обврската за плаќање на данокот по Годишниот даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност “ДЛД-ДБ” за 2021 година до 11 Април 2022 година.
Даночните обврзници кои данокот го пресметуваат преку Даночен биланс за оданочување на добивка “ДБ“, Даночен биланс за вкупен приход “ДБ-ВП” и Даночен биланс на непрофитни организации “ДБ-НП/ВП” треба да ја исполнат обврската за плаќање на данокот за 2021 година:
- до 11 Април 2022 година, доколку до ЦРРСМ поднеле годишна сметка во хартиена форма (со рок за поднесување до 10.03.2022 година)
- до 26 Април 2022 година, доколку до ЦРРСМ поднеле електронска годишна сметка (со рок за поднесување до 25.03.2022 година)
Ги поттикнуваме оние даночни обврзници кои имаат потешкотии во обезбедувањето на тековна ликвидност и платежна способност, а редовно ги исполниле другите даночни обврски, да поднесат барање за одложено плаќање http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/172 Одложеното плаќање ќе Ви овозможи олеснувања, како:
- отплата на долгот во месечни рати, или еднократно одлагање на плаќањето
- УЈП нема да спроведува присилна наплата за долгот или ќе ја прекине започнатата постапка за присилна наплата
- повратот на одобрено даночно побарување за ДДВ нема да биде условен со уплата на недоспените месечни рати и др.
Подетални информации за условите и постапката за одобрување на одложеното плаќање може да најдете во брошурата Одложено плаќање на даночен долг.